Факти за гасот

Природниот гас како и нафтата и јагленот е фосилно гориво, со емисии во воздухот кои настануваат од почетокот на неговото производство, транспорт па сѐ до неговото согорување. На оваа страница се претставени главните факти за фосилниот гас како енергенс и неготово влијание врз природата и животната средина, човековото здравје и економијата.

И гасот е „фосил“? Категорично да!

Дали знаете дека „природниот“ гас кој се користи како енергенс е исто толку природен колку и нафтата? Доаѓа од истите дупки во земјата и е создаден од таложење на истите растенија, животни и микроорганизми умрени пред повеќе од 550 милиони години.
Покрај органската теорија за создавање на природниот гас (ПГ), постои и теорија на анорганско потекло на ПГ и нафтата, според која големи количества на метан од тогашната земјина атмосфера се вклопиле во внатрешноста на Земјата во време на создавање на нејзината кора.
Колку повеќе ги дознаваме тајните на планетата и природата, толку повеќе можеме заеднички да ја сочуваме животната средина.

Гасот е „капата“ на нафтата!

Гасот е гориво со висока содржина на метан. Редовно е присутен во наоѓалиштата на нафта. Тој е како гасна капа над
лежиштето со нафта. И сировата нафта на излез од бушотината каде што се експлоатира содржи природен гас во издвоен или растворен облик.

Зошто за гасот се вели дека е „природен“, а за нафтата не.

Гасот е составен доминантно од метан, но не се нарекува „метански гас“ туку „природен гас“. Оваа придавка ја добил најверојатно уште во доцниот 19 век кога излегувал од почвата безбоен и без мирис спротивно на црните нафта и јаглен кои предизвикувале видливо загадување. Денеска се смета дека одржувањето на називот е „мудар“ рекламен потег на нафтената индустрија со оглед на тоа што самата придавка „природен“ според повеќе нови истражувања,
кај корисниците предизвикува повеќе позитивни асоцијации за чиста животна средина и покрај тоа што тој придонесува за климатските промени.
Името “природен” доаѓа од поделбата на гасните горива според нивниот настанок, и тоа: природни гасови (земјен гас, нафтен гас) и технички произведени гасови (коксен гас, градски гас). Под земјани гасови се подразбираат сите гасовити соединенија кои се добиваат од земја, а кои се согорливи. Тие се создале заедно со нафтата и јагленот од прости организми под дејство на високи притисоци (повеќе стотини bar) и температури (повисоки од 400 К).

Каде се наоѓа гасот?

Природниот гас со најголема содржина на метан се наоѓа во плитки лежишта до 1000 m длабочина (со максимална длабочина на бушење од 10,7 кm). Потоа тој се прочистува од песок, вода, кондензат, високи јагленоводороди, се суши и се транспортира.
Во наоѓалиштето гасот е под притисок кој некогаш може да биде поголем од 300 bar и температури (во зависност од длабочината) кои можат да достигнат и повеќе од 180 C. За споредба, кога гумите на автомобилите се напумпани „камче“ тоа е обично со притисок од 2,5 bar.

Гасот настанал многу пред луѓето.

Во текот на милиони години талогот на овие мртви микроорганизми се зголемувал така што мешајки се со мил и останати материи настанувале повеќе седиментни слоеви на дното на океанот. Со таложењето постепено се зголемувал притисокот и температурата што придонело кон создавање на нафта и природен гас. Нафтата настанувала под дејство на температура до 150 C, a кога оваа температура била повисока се создавал и природниот гас. Откако се формирале нафтата и природниот гас, почнале да мигрираат преку ситните пори во околните карпи на копното додека не се фатени во депозити под непропустливи слоеви на карпи или глина каде што останале заробени.
Освен за горење, природниот гас е една од клучните суровини за производство на петрохемикалии (од етан – етилен, пропан, бутан, и тн.).

ЈАВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС #1

Мнозинство од граѓаните го изедначуваат природниот гас со сонцето, ветрот или водата без да знаат дека тој е фосилно гориво кое исто така се исцрпува од земјата како и нафтата и јагленот.

ЈАВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС #2

Резултатите покажуваат дека најмладата популација (18 – 24 години – 40%) и 35- 44 години (39%) статистички повеќе се информирани дека гасот е необновлив извор на енергија.
Гасот е фосилно гориво исто како нафтата и јагленот и се исцрпува од наоѓалишта во земјата и не се обновува.

ЈАВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС #3

Метанот е еден од главните „виновници“ за ефектот на „ стаклена градина“ односно глобалното затоплување и менување на климата.
Гасот е фосилно гориво и предизвикува штета на животната средина

ЈАВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС #4

Енергетската криза ни покажа дека гасот не само што не е ефтин туку и може многу да варира во цена, правејќи ги сдите инвестиции во гасна инфраструктура неисплатливи и несигурни.

ЈАВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС #5

Повеќе од половина од испитаниците (52%) одговориле дека најголем проблем од користење на природен гас е “опаснот во случај на неодговорна употреба”.
Притоа најголеми изгледи за евентуални хаварии и штети поголем дел од граѓаните гледаат при неговото користење во домаќинствата.
Во Македонија нема традиција во користењето на гас во домаќинствата. Користењето на гас значи и редовно одржување и сервисирање на гасната инфраструктура што значи и повисоки давачки, но и шанси за хаварии.

ЈАВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС #6

Поголем дел од испитаниците се изјаснија дека кај нас најчесто природниот гас се користи за загревање на домаќинства, загревање на вода, готвење и сл.

ЈАВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС #7

Од испитаниците кои велат дека имаат пристап до гасоводна мрежа во својата околина , високи 96% од нив не користат природен гас од таа мрежа.
Само 3% од оние кои имаат пристап, користат гас и тоа најмногу во домаќинствата. Најголема подготвеност за веднаш да се приклучат кон гасоводната мрежа доколку имаат пристап искажаа доминантен дел од испитаниците со високо – 80% и средно образование – 75%, споредено со оние со завршено основно образование – 54%.
Истoвремено, најголем процент од нашите домаќинства немаат економска моќ да се приклучат кон оваа мрежа и да се конвертираат кон користење гас, поради високите цени на приклучокот, уредите и енергенсот.

ЈАВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС #8

„Дури 75% од испитаниците веднаш би се приклучиле на гасоводната мрежа доколку имаат пристап, но само мал дел – 17% за тоа се подготвени за тоа да платат сума од 300 до 600 евра. Една третина може да си дозволат сума од 100 до 300 евра, а една третина само доколку приклучокот кон мрежата чини до 100 евра. Само 3% од испитаниците се подготвени за приклучок за природен гас да платат над 900 евра.

Природниот гас е фосилно гориво

Мора да е јасно дека „природниот“ гас е фосилно гориво, што значи дека е необновливо и загадува, без разлика дали може или не да се користи како преоден извор на енергија од јаглен и нафта до обновливи извори на енергија.

Нафтата, јагленот и гасот се штетни енергенси!

Сите фосилни горива при согорување испуштаат гасови кои се штетни за здравјето и животната средина. Гасните електрани испуштаат азотни оксиди кои го зголемуваат смогот и може да предизвикаат респираторни проблем кај луѓето што живеат во нивна близина. Употребата на фосилен гас во домот го загадува воздухот во затворените простории и може да доведе до астма кај децата.

И природниот гас содржи метан, главниот двигател на глобалното затоплување

Метанот (CH4) е главната компонента на „природниот“ гас, иако содржи и други лесни јаглеводороди во многу помали дози, како што се етан (C2H6), пропан (C3H8), бутан (C4H10) или пентан (C5H12). Уделот на метанот во гасовите кои влијаат врз забрзување на глобалното затоплување е дури 30%.

Фосилно е фосилно, природниот гас е фосил

Гасот е фосилно гориво што придонесува за забрзување на климатските промени. Исто како јагленот и нафтата, гасот е необновливо фосилно гориво кое испушта стакленички гасови кога се согорува. Метанот од фосилниот гас ја загрева планетата 28 пати побрзо од јаглерод диоксиодот во јагленот и нафтата.

Природниот гас емитува CO2

При согорување на фосилен гас се ослободува јаглерод диоксид и метан- гасови кои најмногу придонесуваат за глобалното затоплување и влошување на последиците од климатските промени.

Зелена иднина не се создава со природен гас

Доколку се стремиме кон циркуларна економија, таа не предвидува користење на „природен“ гас. Процесот на исцрпување и користење на гасот е линеарен и необновлив. Тој постојано троши нови ресурси, загадува и ја уништува природната и животна средина.

Природниот гас е непријател на животната средина

„Природниот“ гас не е чист и „еколошки“ енергенс. Тој директно влијае на загадувањето на животната средина поради начините на кои се вади од земјата, како се транспортира и начините на користење. Тој претставува закана за здравјето на луѓето поради можното истекување, вдишување и потенцијалната запаливост во домовите и на работното место.

„Природниот“ гас нѐ прави зависни од негов увоз бидејќи ние не произведуваме, туку гасот го купуваме од други региони и држави.

Природниот гас е непријател на човековото здравје

Како и останатите фосилни горива, така и природниот гас предизвикува последици врз здравјето на луѓето.

Секоја минута умираат по 13 луѓе поради рак на белите дробови, срцеви заболувања и мозочни удари, создадени како последица од загадувањето на воздухот.

Крајно време е да започнеме со елиминирање на фосилните горива од употреба и со тоа да овозможиме чист воздух за сите!

Повеќе гас = Повеќе загадување

Екстремни временски неприлики предизвикани од глобалното затоплување, енормно зголемување на респираторни болести предизвикано од загадувањето на воздухот и уништување на природните ресурси кои се од исклучителна важност за планетата, се само дел од последиците кои ги трпиме од штетните емисии од фосилните горива, вклучително и од гасот.
Светот е исправен пред огромен предизвик со климатските промени. Единственото решение е да се прекине со користење на фосилни горива, вклучително и на фосилен гас и да се премине кон користење на обновливи извори на енергија.

Минато / Иднина

Безброј студии ја прикажаа штетноста од користењето на фосилни горива, вклучително и на фосилен гас.
Зарем тоа не е доволно да станеме свесни за состојбата, да преземеме чекори во правилна насока и да си го заштитиме здравјето и природата?
За посакуваната иднина да стане реалност побрзо, потребни се стимулации и финансиски механизми за поддршка на користење на сончевата енергија и мерки за енергетска ефикасност.

Гасот ги влошува климатските промени

Зголемените температури предизвикуваат топење на глечерите, покачување на нивото на морињата, како и екстремни временски непогоди како пожари, поплави и суши, а тие промени имаат разорни ефекти врз екосистемите, уништуваат живеалишта и го загрозуваат опстанокот на многу видови, како и на човекот. Токму ова лето се уверивме дека екстремно високите температури ги зачестуваат појавите на нови болести и зголемување на смртноста.
Оваа состојба ќе се влошува доколку не го отфрлиме главниот предизвикувач на климатските промени- фосилните горива.

Гасот е проблем

Стравот од напуштање на фосилните горива како енергенс е неоснован бидејќи за нив има замена!
Како од еколошки, така од економски причини со користењето на обновливи извори на енергија ќе го заштитиме нашето здравје, како и здравјето на идните генерации.
Ако Македонија изгради фотоволтаични централи на сите достапни и еколошки прифатливи локации, ќе се генерира дупло повеќе енергија од она што го произведуваме денес! Нашиот потенцијал за обновлива енергија е огромен!
Да дејствуваме правилно за на нашите поколенија да им оставиме чиста и здрава планета, каква што заслужуваат!

280 сончеви денови

Во време кога сѐ погласно и поинтензивно на светско ниво се зборува за итната потреба од исфрлање на користењето на фосилни горива, вклучително и на фосилен гас, поради штетните последици што ги предизвикува врз здравјето на луѓето и животната средина, во земјава зголемувањето на употребата на фосилен гас се најавува како помпезно решение за намалување на аерозагадувањето.
Фосилниот гас не само што не е решение, туку е нов проблем!
Целата нова инфраструктура за фосилен гас ќе нѐ врати 50 години наназад и ќе ни ја ограничи можноста правилно да излеземе од зависноста од фосилни горива, притоа сериозно осиромашувајќи го јавниот буџет.

Сонце, ветер, геотермална енергија

Фосилниот гас нè прави енергетски зависни! – Обновливите извори на енергија ни овозможуваат сопствено производство.
Фосилниот гас ја загадува животната средина! – Обновливите извори на енергија го зачувуваат нашето природно богатство.
Фосилниот гас е голем трошок! – Обновливите извори на енергија ни овозможуваат да штедиме средства.
Кој е вистинскиот победник?

Милион евра за обновливи извори

Енергетскиот сектор е исклучително важен и за него се одвојуваат огромни средства, но дали истите правилно се распределуваат?
Според проценките, потребни се околу една милијарда евра за спроведување на гасификација, а користењето на фосилен гас воопшто не е поволно, како од економски, така од еколошки причини.
Студијата на РЕКК покажа дека со истата сума на планирани средства, би се овозможило 50% проценти од домаќинствата во индивидуални домови да инсталираат сончеви панели, а тоа укажува на фактот дека доколку тие пари се пренаменат за инсталации на обновливи извори на енергија, на долг рок ќе ни се овозможи заштеда на средства и чиста животна средина, а со тоа и одржлива иднина.

Гасоводот е несоодветен за нашиот стандард

Гасификацијата се прикажува како идеално решение за македонските домаќинства, но дали нашиот „џеб“ е доволно длабок за приклучок и користење на гасот?
Согласно проценките, граѓаните треба да одвојат висока сума за приклучок на гасната мрежа, а и самото користење на гас исто така е дополнителен финансиски товар.
Субвенции за приклучок на гасната мрежа не се решение. Наместо тоа, јавните пари да се насочат за енергетски ефикасни објекти и домови, како и за инсталации за обновливи извори на енергија.
Креирањето на зелената иднина е во наши раце!