• Информирајте се за штетните хемикалии во производите!
  • Внимавајте што купувате!
  • Внимавајте на составот на производот кој го купувате!
  • Изберете безбедни алтернативи!
 
 

За Проектот

Центарот за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест”, во изминатиов период изврши истражување за штетните хемикалии присутни во производите на нашиот пазар.

Проектот е дел од ISIP програмата, спроведувана од страна на чешката организација ARNIKA.


Која е целта?

Целта на истражувањето е да се информира јавноста за можните штетни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето од козметичките производи, средствата за хигиена во домаќинствата, играчките за деца и други производи кои секојдневно се користат, како и промовирање на безбедни алтернативи на одредени производи.

Целта е и да се промовираат основни информации за хемикалиите, да се предупредат потрошувачите да внимаваат што купувааат, и да се влијае на одбирање на безбедни производи.

Има ли Македонија закон за хемикалии?

Во Македонија покрај рамковниот Закон за хемикалии не постојат дополнителни акти со кои би се регулирале дозволените присуство и количество на хемикалии во производите кои се користат во козметиката и домаќинствата.

Во Македонија постојат многу малку информации за составот и токсичноста на одредени хемикалии кои се наоѓаат во производите достапни до потрошувачите.

Потрошувачите не се свесни за опасните ефекти на хемикалиите во производите кои секојдневно ги купуваат, врз нивното здравје, здравјето на децата, и животната средина.

Иако Европа веќе забрани употреба на термометри кои содржат жива, во Македонија се уште не постојат скоро никакви предупредувања, кампањи или информации поврзани со оваа тема.

Што направивме?

Еко-свест испита околу 40 козметички производи и 20 средства за хигиена во домаќинствата кои се продаваат во скопските супермаркети и продавници и се широко достапни за потрошувачите.
Посебно внимание се обрати на производи со македонско потекло.
Истражувањето беше направено согласно Директивата на Европска унија 76/768/ЕЕС за козметички производи.
Во 92 % од испитаните козметички производи е регистрирано присуство на штетни хемикалии (иританти на кожа и очи, алергени и токсични). На голем број производи не е наведен процентот или количеството на одредената хемикалија која се смета за штетна.
Според Европската директива, доколку една хемикалија го надминува количеството и со тоа станува штетна во производот, нејзиниот назив мора јасно да биде назначен на пакувањето на производот.
На 33% од средствата за хигиена во домаќинствата, не е наведен составот. На поголемиот број вакви производи не се наведени основните предупредувања за токсичност, штетност за животната средина или човековото здравје.

Направивме и истражување на пазарот со играчки.
Се послуживме со RAPEX листата на Европска Унија каде еднаш неделно, истата, се дополнува со нови играчки кои во својот состав докажано содржат штетни хемикалии кои се опасни по здравјето на децата.
Пронајдовме 30тина играчки на RAPEX листата присутни и во продавниците низ Скопје.

Што се однесува до живата, таа е тежок метал кој е многу токсичен за здравјето на луѓето и за животната средина. Во Македонија, истражувања и тестирања за присуство и нивоа на жива се многу ретки. Поради тоа, како дел од овој проект, Еко-свест направи тестирање на примероци од коса, за присуство на жива. Тестирањето го изврши Институтот по хемија при Природно математичкиот факултет во Скопје. Резултатите од тоа тестирање, извештај за состојбата со жива во Македонија, како и информативни брошури за живата кои ги подговтвивме, можете да ги најдете на оваа страница.

Како може да се заштитите?

Внимавајте на составот на секој производ кој го купувате.

Проверете дали има преудпредувачки знаци на амбалажата.

Одбирајте здрави и природни производи.

Избегнувајте термометри и други направи кои содржат жива.

Задржете се на оваа страна и прочитајте ги сите информации.


 
  Авторски Права © [Еко-свест]. Сите права се задржани!